wordpress counter

Лична карта: Каранфилче

Lat. Syzygium aromaticum

Тип: каранфилчето е ароматичен сушен цвет, кој припаѓа на фамилијата „Myrtaceae“. Во минатото се сметало за лек на многу болести, додека денес се користи како зачин насекаде низ светот.

Потекло: каранфилчето потекнува од Малуку островите во Индонезија, кои се познати уште и како островите на зачините. Денес е најраспространет во Индонезија, Шри Ланка, Индија, Бразил, Мадагаскар и Пакистан. Во повеќето земји во светот се нарекува по латинскиот збор „clovus“, што значи нокт, поради неговиот изглед.

Изглед: каранфилчето е цвет од истоименото тропско зимзелено дрво, кое достигнува висина од 8-12 м со големи зелени листови. Цветот првин има бледо зелена боја, па подоцна потемнува и на крајот кога е зрел за берба е светло црвен. По сушењето добива темно кафена боја и има големина од 1.5 см до 2 см. Составен е од долга чашка, која на крајот се проширува во форма на круна.

Примена во исхраната: карактеристичен е за индиската зачинета кујна, се користи речиси во секое нивно јадење, без разлика дали е слатко или солено. Поради неговиот силен ароматичен мирис, популарно е во сите светски кујни, најчесто како зачин во колачи и слатки. Често се комбиниран со цимет и морско оревче. Можете да го најдете во форма на чај или во вашето варено вино.

Друга примена: значително е застапено во медицината, како во минатото така и во модерната медицина. Неговото масло се користело како анестетик при дентални интервенции, масажи за загревање на телото и опуштање на  мускулатурата и за проблеми во дигестивниот систем. Се смета за анастетик и антисептик. Помага во многу бактериски и габични инфекции. Помага при болки во грлото, улкус на желудникот, дијареа и штити од појава на канцерогени клетки. Дури се користи за лечење од алкохолизам, односно со џвакање на самиот цвет се намалува потребата од алкохол кај заболените од оваа болест. Најпопуларна намена му е за опуштање на телото и како афродизијак.

Интересни факти

• не се препорачува негово користење кај веќе заболени од рак, кај трудници и доилки. Се смета дека некои од неговите својства може да имаат контра ефект кај овие луѓе, додека за сите останати е препорачливо за редовна употреба;
• во Велика Британија во 17-тиот и 18-тиот век, вредноста на каранфилчето била еднаква со вредноста на златото;
• кинезите и римјаните го користеле како освежувач за здивот;
• се користи во познатите пури „Кретек“, додека во многу други се додава за вкус;
• есенцијата од каранфилче се користи во многу парфеми;
• во Сирија, пронајдени се керамички вазни со каранфилчиња вдлабени во нив, кои датираат уште од 1.721 година п.н.е.

Related Posts with Thumbnails