wordpress counter

Лична карта: Магдонос

Lat. Petroselinum crispum

Тип: магдоносот е зачин кој ѝ припаѓа на фамилијата „Apiaceae“. Интересно е дека во зависност од тоа во која земја се одгледува, некаде го сметаат за зачин, некаде за тревка, а некаде дури и како зеленчук.

Потекло: овој зачин е карактеристичен за медитеранска Европа и Африка (пред сѐ Италија, Алжир и Тунис), но денес веќе се одгледува секаде во Европа. Неговото ботаничко име доаѓа од грчкиот збор за камен. Причината е што магадоносот често расте во камените ридови на Грција.

Изглед: магдоносот е зелено двогодишно растение, кое успева во пределите со умерена клима, додека во пределите со суптропска клима е едногодишно растение. Во првата година формира розета од листови кои се околу 15 см долги и полно мали ливчиња со големина од 1-3 см.

Видови: постојат три посебни видови на магдонос. Еден е т.н. магдонос со свиткани листови, кој има свеж, чист и крцкав вкус. Овој вид е дел од најстарите комбинации на зачини, заедно со мајчина душица и ловоров лист. Вториот тип е италијански тип на овој зачин. Италијанскиот магдонос има појак вкус поради повисоко присуство на етерични масла. Третиот тип е карактеристичен за средна и источна Европа. Има многу подебели корења од другите два. Го викаат и хамбуршки магдонос и има вкус кој е комбинација од целер и магдонос.

Примена во исхраната: поради неговиот вкус и свежина одлично се вклопува во многу јадења. Речиси е неизоставен дел од бројни салати и одлично се комбинира со други зачини како мајчина душица, мајоран и ливчиња ловор. Се користи при подготовка на омлет, варени компири и пире, супи, пасти, риба, месо… списокот е без крај. Сѐ зависи од вашиот вкус и имагинација.

Друга примена: се користел за ублажување на проблемите со дигестивниот систем, при бронхитис и проблеми со уринарниот тракт. Бил составен дел на против-отрови, тоници и антиревматични лекови. Богат е со минерали и витамините А и Ц, кои го прочистуваат организмот од отрови. Одличен е и како освежувач на здивот.

Интересни факти

• некогаш се сметал за симбол на заминување и смрт и редовно бил дел од погребните церемонии во античкиот свет;
• римјаните го користеле при познатите оргии, за да се замаскира мирисот на алкохол во здивот;
• магдоносот бил неизоставен дел од градините на Катерина Медичи;
• магдоносот е неизоставен дел од салатите од ориентот, како што е табуле, додека персилад е микс од сечкан лук и магдонос, кој се користи во француската кујна.

Related Posts with Thumbnails