wordpress counter

ЕДНА И ЕДИНСТВЕНА, ФУРНАТА ВО ЧАИР

furna

Во скопската населба Чаир, на преполната улица „Цветан Димов”, се наоѓа едно место за кое верувам дека сте слушнале досега. Тоа е маалската чаирска фурна, едноставно наречена „Фурна”. Ќе ја препознаете по неодминливите редици гладни муштерии, кои нестрпливо чекаат да се дограбаат до некој од магично вкусните производи на оваа стара традиционална фурна. Во раните утрински часови или доцна во ноќта, кога се подготвувате да го започнете новиот ден, или пак уморно и истрошено се враќате од луда и прекрасна ноќ, застанувате, се знае каде: во „Фурна“. Ако претходно сте вкусиле од нејзините печива, мирисот им го чувствувате со самата помисла на нив. Уште пред да тргнете кон фурната, подлижнувате од вкусот што имагинативно постои во вашата уста, па желбата расте со секој изминат чекор. Ако, пак, за прв пат одите на јадење во „Фурна“, подгответе се за нешто што досега не сте го пробале, топло и памучно меко тесто, со редовните додатоци од сирење, месо и спанаќ.

Внатре ќе ве пречека насмеаното и секогаш љубезно лице на домаќинката Валентина Тасевска, која ни ја раскажа приказната за фурната во Чаир. Нејзиното постоење датира од турско време, што би значело дека постои повеќе од век, или поточно околу 114 години. Таа е најстарата и единствена фурна во Скопје, која сė уште работи на традиционален начин на печење, со голема фурна на дрва. Фурната била изѕидана од старите турски мајстори и е направена на тој начин да се пали од задната страна, а печивата се вадат од предната страна. Се ложи два пати дневно, со големи цепаници од дабово дрво, кои се ложат и се оставаат да погорат, а потоа се ставаат сите производи за да се печат. Семејството на Валентина во своја сопственост ја има од нејзиното отворање во XIX век, кога дедото ја купил од Турците. Оtтогаш, до денешен ден, фурната постои и работи во својата првична автентична состојба.

Специјалитет на куќата е симит-погачата. Симитот се прави во големи тепсии, од кои излегуваат околу 42-43 парчиња. Начинот на правење на симитот е дел од семејното наследство, кој останал непроменет повеќе од еден век. Фурната е уште позната и по солените кифли, кои се најубави веднаш штом се извадени од печење. Често пати муштериите прашуваат: Што ставате во кифлите, што се толку вкусни? – вели Валентина. На ова таа нема одговор, бидејќи рецептот за кифлите не е ниту тајна ниту мистерија. Едноставно се прават како и сите други кифли, но големата фурна на дрва им го дава посебниот шмек, кој го нема на ниедно друго место. Во фурната се прават и бурек, банички и ѓевреци. Што и да оберете, нема да згрешите.

Поради својата уникатна градба и практичност, фурната се користи и за подготвување разни други јадења, најчесто за големите верски празници. Се печат прасиња, јагниња, сарми, баклави, а исто така и сите видови семки, леблебија и кикиритки.

Посетена е од цело Скопје, гости од другите македонски градови, како и многу странски посетители. Се случува, вели Валентина, да дојдат странци директно од аеродром и да нарачаат симит-погача. Најчесто слушнале од пријател дека во Скопје постои таква фурна и со првото стапнување во Македонија, одат право во фурната. Други, пак, прават нарачки за да носат кај свои роднини и пријатели во странство. Не ретко фурната е посетена и од амбасадорите во нашата земја.

Се работи секој ден од 20:30 до 14 часот следниот ден. Во секој момент фурната е полна со муштерии, особено по 1 часот по полноќ, кога скопската младина се враќа од забавување. Нема ништо поубаво од слатка баничка со спанаќ и едно јогуртче од „Фурна“, по напорната вечер. Ова е мојата омилена комбинација, но и секоја друга е добредојдена, сè што вклучува печиво со неодоливата арома, уникатното чувство на тазе испечено тесто, кое се топи во устата и те заљубува со првиот залак.

Јас би рекла дека, сепак, постои тајна состојка не само во кифлите, туку во сè што има во „Фурна“. Тајната се состои во вековната традиција и неизмерната љубов, вложени во севкупното функционирање на фурната. Тоа е само дел од она што значи единствениот и незаменлив поим за чаирската фурна. Навистина, ова место носи некоја своја магија, која опива еднаш засекогаш и не ве пушта толку лесно. Едноставно, брашно и вода, малку квасец и магичен допир на искуство и умешност од рацете на домаќинките. Најважниот момент е самата фурна, која е главен виновник за вкусот на печивата.

Затоа драги пријатели и пријателки, наминете во Чаир на симит-погача или парче бурек, па уверете се сами. [МАЈА БАЛША]

Related Posts with Thumbnails