wordpress counter

Невообичаени готварски концепти (2 дел)

Во првиот дел ги опишавме трансглутаминазата и метил целулозата, како техники на готвење кои денес се употребуваат. Во овој, втор дел, ќе споменеме уште два други концепти кои сѐ повеќе добиваат на популарност.

Вклучени сите сетила
Некои сопственици на ресторани постојано експериментираат со храната. Последен таков обид е вклучување на сите сетила при консумирање на храната. Ова подразбира користење на сетила и окружување кои вообичаено не се користат при јадење. На пример, темница и аудио визуелизација. Ако јадете во потполн мрак, тогаш ќе ги почувствувате сите вкусови и ароми бидејќи вашето внимание не е одвлечено од други, помалку битни работи околу вас.

Други ресторани го користат звукот за да го истакнат вкусот на храната. Имено, во Fat Duck се служи јадење кое се вика „Звуци на морето“. При тоа додека консумирате риба и морски плодови, вие преку iPod слушате звуци кои доаѓаат директно од море или океан. Дури и научниците потврдија дека доколку една личност јаде морков кој крцка и го слуша тоа, ќе смета дека плодот е многу посвеж и повкусен отколку да нема аудио техника.

Прав (прашок) за нови вкусови
Прашоците се новите додатоци на современото мени. Тоа се продукти и вкусови кои се сушат или се мелат додека не се претворат во прав и потоа се користат како гарнир. Во некои ресторани се дури и дел од главното јадење. Главен начин за добивање на прашокот е преку мешање на некаква течност со малтодекстрин. Потоа оваа смеса се става во блендер и се меша сѐ додека не се претвори во прав, кој има конзистенција која вие ја посакувате. На пример, одличен прашок се добива со мешање на маст од сланина и малтодекстрин. Едноставно се топи во вашата уста и притоа чувствувате вкус на потпечена сланина.

Можете да пробате и прашок од карамел, кој го измислил еден од главните готвачи на Алинеа, ресторан кој ја користи молекуларна гастрономија за да ги воодушевува своите гости. ●

Related Posts with Thumbnails