“Maulwurfkuchen” или на англиски “mole cake” е класичен германски десерт кој е едноставен за приготвување, а е неверојатно вкусен… класичниот рецепт содржи чоколадна торта, банани и шлаг крем со парчиња чоколадо. Ние со бананите додадовме и џем од малини, а шлагот го заменивме со дипломат крем.
Еве го рецептот за нашата варијанта:

Maulwurfkuchen - Mole Cake
Состојки
Чоколадна торта:
- 4 јајца
- прстофат сол
- 125 гр. шеќер
- 125 гр. путер
- 1 каф.лаж. ванила
- 5 суп.лаж. млеко
- 150 гр. брашно
- 50 гр. какао
- 15 гр. пециво
Фил:
- 3 жолчки
- 1 јајце
- 500 мл млеко
- 3 суп.лаж. густин
- 6 суп.лаж. шеќер
- 3 суп.лаж. путер
- 1 суп.лаж. ванила
- Прстофат сол
- 300 мл хопла
- 2 суп.лаж. шеќер во прав
- 1 кесичка желатин
- 50 гр. чоколадо - сецкано
- 3 банани
- 5-6 лажици џем од малини
Инструкции
- Во сад матете ги белките, додадете малце сол и половина од шеќерот, матете додека не добиете цврст шам, ставете го настрана во фрижидер. Во друг сад разматете го путерот на собна температура заедно со преостанатиот шеќер и една лаж. ванила, додадете ги жолчките, една по една, па потоа додадете го брашното, какаото и млекото. Матете додека не се соедини. Додадете го шамот и со шпатула соединете ја смесата.
- Печете 20-30 мин на температура од 175 степени. Во меѓувреме припремете го филот, ставете го млекото да зоврие со малце ванила и две лажици шеќер, жолчките и целото јајце разматете ги во сад со преостанатиот шеќер и густинот и додадете го млекото со константно мешање, вратете го на оган повторно матејки додека не се згусти, покријте со фолија и оставете да се олади. Во друг сад разматете ја хоплата и додајте го шеќерот во прав и растворениот желатин.
- Откако ќе се испече тестото издлабете со нож така што тестото ќе го направите како сад, вишокот тесто со рака направете го како трошки и зачувајте го. Вдлабнатиот дел наполнете го со излупени банани сечени хоризонтално и полијте го џемот од малини. Соединете ги двата приготвени филови со шпатула и додадете го сецканото чоколадо. Нанесете го филот врз бананите и на крај ставете ги трошките од тесто така што ќе изгледа како купа од земја која што ја прават кртовите кога копаат дупки. Ставете ја барем 2 часа во фрижидер па послужете.
Посебна благодарност укажуваме до нашите драги sash_dream, кои одлучија да го споделат овој нивни рецепт со нас. Ни претставува вистинско задоволство да соработуваме со млади и надежни љубители на храната и готвењето. Уживаjте и не заборавајте да го посетите нашиот инстаграм профил gurmanmk.