Крошка Картошка извадена од еден спомен од Москва и сервирана на маса. Русија не е единствената земја на светот каде вака се приготвуваат компири, но веројатно е една од малкуте (ако не и единствена) каде постои ланец на брза храна посветен на вака приготвен компир. Од него и името крошка картошка. Врели печени компири со путер и кашкавал и сервирани со ладни освежителни салати, што повеќе човек да посака…
Уживајте во овој рецепт кој ни го испрати @madmona7.

Крошка Картошка
Состојки
- компири по избор
- 200 гр урда
- 3 лажици грчки јогурт
- свеж копар
- свежи шампињони
- лук
- маслиново масло
- кисели краставички
Инструкции
- Еден голем компир е сосем доволен за еден човек. Компирите најпрво се мијат убаво и темелно, се бришат со крпа и се виткаат во алуминиумска фолија еден по еден. Се печат во рерна на 220°С час, до час и половина (зависно колкави се и колку е силна рерната), после еден час може со чепкалка или нож да се провери дали се готови. Додека се печат, се приготвуваат ладните салати:
- 1. 200 гр урда со 3 полни лажици грчки јогурт и мнооогууу свеж копар; 2. Пржени шампињони (свежи, не маринирани) со лукче и маслиново масло, изладени, па измешани со кисели краставички. Кога ќе се готови компирите, внимателно се отстранува фолијата, им се сече капаче по должина, дебело колку да има пристап до внатрешноста на компирот, се гмечи внатре со вилушка, се става путер и кашкавал, и се печат во рерна уште 5 - 10 минути додека не се растопи кашкавалот. Се сервираат топли со салатите натрупани врз нив.