wordpress counter

Стилови на кујни

Без разлика дали сте модерни или традиционални, со помош на неколку кратки совети во вашата кујна можете да внесете дел од себе. Можете самите да креирате свој стил и на тој начин да направите кујна која најмногу ќе ви одговара.

Азиски стил

Доколку барате стил кој ќе внесе хармонија и рамнотежа во вашата кујна, изберете мирен азиски стил. Природни елементи како бамбусов под или камена работна плоча, комбинирани во јасни архитектонски линии. Применете едноставни и светли бои, а кујнските уреди нека бидат во склоп со целокупниот дизајн. Автентични азиски детали, како што се украси и хартиени лустери, ќе ви овозможат совршена хармонија.

Стил на колиба

За кујните во стилот на планинска колиба најважна е едноставноста. Опуштен и неформален, овој стил е совршен доколку сакате релаксирачка атмосфера во вашата кујна. Барајте кујнски елементи и мебел во светли дрвени нијанси, или обојте ги веќе постоечките во сјајна бела боја.

Медитерански стил

Медитеранската кујна е жива, но комбинирана со стара текстура и топлина. Стилот се карактеризира со мали автентични детали како везен кромид или лук и други зачини. Боите треба да бидат жолта, жито боја, портокалова и црвена. Голема семејна терпезариска маса е задолжителна, па затоа внимавајте на распоредот на просторот, за да оставите доволно простор за масата. Внесете старински детали, како рачки или слично.

Стил на англиска селска кујна

Комотна и неформална, англиската селска кујна е комбинација на традиционален стил со малку фармерски елементи. Јасната палета на бои, стари елементи и завеси со цветни или овошни дизајни е еден од начините како да го внесете овој стил во вашата кујна. Задржете се на површини кои се едноставни за одржување, како работна плоча од камен или керамика. Изберете ормарчиња во боја на вишна, со цел просторот да добие топлина.

Стил на француска селска кујна

Француската селска кујна претставува пријатно место за собирање на семејството и пријателите. Палетата од бои треба да ја  сочинуваат сината, црвената и жолтата боја, кои во целост ќе бидат во хармонија со природата. Ѕидовите и ормарчиња да имаат трошен старински изглед. За да ја комплетирате сликата, употребете стар мебел и детали како шишиња и тегли.

Модерен стил

Доколку навистина сакате да оставите впечаток, модерната кујна треба да биде вашиот избор. Треба да биде едноставна, со јасни прави линии на елементите. За работната плоча користете индустриски материјали како бетон или челик кој не р‘ѓосува. Што се однесува до боите, тие треба да бидат: бела, црна, сива или некоја јака боја, која потоа ќе ја користите низ целиот простор. Овој стил треба да е олицетворение на минимализмот.

Related Posts with Thumbnails