Ако сé уште не сте се одлучиле што да подготвите за утрешниот ручек, тогаш погледнете го вкусниот предлог на annies.food.feed, варијација на традиционалната карбонара која се подготвува со guanciale (димено свинско месо од образите) и пекорино романо. Оваа карбонара е подготвена со состојки кои ни се многу подостапни и на чиј вкус (најверојатно) сме понавикнати. Најважниот момент кај карбонарата е да го погодите моментот на мешање на тестенините со сосот, без да ги зготвите целосно јајцата и да добиете кајгана наместо вкусен, кремаст карбонара сос.

Паста Карбонара
Состојки
- 200гр пене макарони
- 100гр сланина
- 50гр пармезан
- 2 јајца
- 1 лажица маслиново масло
- 1 чешне лук
- црн пипер
- прстофат морска сол
Инструкции
- Зовријте вода во тенџере со сосема малку маслиново масло и прстофат морска сол и додајте ги макароните. Намалете ја температурата на средна и гответе ги al dente (да не се целосно сварени). Потоа тргнете ги од оган и исцедете ја течноста.
- Во големо тавче загрејте 1 лажица маслиново масло и додајте ја сланината исечкана на тенки квадратчиња. Пржете додека зарумени малку на средна температура, а во меѓувреме подгответе го сосот со јајцата. Во длабока чинија изматете 2 јајца, изрендајте го пармезанот, зачинете со црн пипер и добро измешајте за да добиете кремаст сос (не премногу течен).
- Кога сланината ќе биде готова, додајте ги макароните и добро мешајте за да ја впијат течноста од сланината. Тргнете го тавчето настрана и исклучете ја ринглата. Тука е клучниот момент! Почекајте 4-5 минути и вратете го тавчето на изгасената рингла каде што ја готвевте сланината, додајте го сосот со јајца и пармезан и мешајте непрекинато додека сите макарони се прекријат со сосот и се измешаат со сланината. Јајцето треба да се зготви од високата температура, но не смее да се згрутчи и да добиете кајгана. Послужете веднаш со уште малку рендан пармезан и црн пипер доколку сакате. Buon appetito!