wordpress counter

„AVIATION“ коктел

1 глас2 гласа3 гласа4 гласа5 гласа (Нема гласови)


AVIATION КОКТЕЛ

За овој коктел имам навистина интересна приказна. Њујорк, септември 2007, заедно со мојот другар Никола од Белград одиме на коктели. Некој другар му кажал дека има добро место на улицата Хадсон во кое ќе најдеме добра забава. По околу половина час пешачење успеавме да ја најдеме локацијата, но тоа навистина не изгледаше ни приближно до коктел бар.

Мал салон со кружна маса и кристална топка за гатање, исто како оние што ги имаше во Касандра. Мал неонски знак на кој што пишуваше „Psychic”, т.е. „Гатачка”. На масата од другата страна, пристара тетка која веројатно требаше да биде гатачката, а десно, зад неа, тешки црвени завеси. Се слушаше придушена музика, но толку тивко, што увото не може да одреди дали доаѓа од зад гатачката, или пак од некој друг бар подолу на улицата. Надвор стоеше едно момче кое ни ја отвори вратата… Зад завесите, музиката која што одвај се дослушува од надвор и целосна трансформација.

Одличен ефект на телепортирање од една во друга димензија. Простран бар, кафени дрвени подови, блескави шишиња од зад шанкот и ентериер инспириран од дваесеттите години од времето на прохибицијата. Јас и Никола седнуваме на шанкот и се разбира, гласно започнуваме разговор и го чекаме шанкерот да дојде и да ја земе нашата нарачка. Тој доаѓа и на чист српски не прашува што ќе се напиеме. Уште едно пријатно изненадување. Се викаше Душан и беше еден од сопствениците на барот. Ни понуди да пробаме коктел по негов вкус, по што ни послужи бледо бел пијалак гарниран со цреша. Ни кажа дека се вика Aviation Cocktail.

Беше нешто феноменално вкусно. Инстантно имав нов омилен коктел. Го прашав кои се состојките, а тој се насмеа и ми рече: „Авијациски коктел: мотори, авиони, камиони”. Затоа, денеска ви го претставувам Авијацискиот коктел:

СОСТОЈКИ
• 70 мл џин
• 20 мл мараскино
• 20 мл сок од лимон

ПОДГОТОВКА
Сите состојки се ставаат во шејкер и се протресува. Се сервира во коктел чаша и се гарнира со лимонов твист.

Коктелот е измислен некаде во триесеттите години и е уште еден класичен коктел. Оригиналниот рецепт вклучувал и crème de violette, што е многу невообичаен ликер со вкус и боја на цвет од синоличка и многу тешко се наоѓа низ продавниците, па затоа бил изоставен од употреба со текот на годините. Мараскино пак, е ликер кој се добива од мараска цреша, каде при обработката се користи целата цреша, заедно со семките, листовите и дршките, поради што ликерот добива вкус кој наликува на бадем. Овој тип на цреши се одгледуваат во регионот на Далмација, Хрватска, особено околу Задар и во Северна Италија. Познат бренд на мараскино ликер е Luxardo, кој се произведува во Италија.

Авијацискиот коктел е навистина еден од најдобрите коктели што ги имам пробано, кој има одличен баланс помеѓу слатко и кисело и во кој џинот и мараскино ликерот одлично се сложуваат. И покрај тоа што има само три состојки, има многу комплексен, но суптилно балансиран вкус. Ако не сте го пробале до сега, веднаш обидете се да ги најдете состојките и да го вкусите! [ЕЛИ ЦВЕТКОВА]

Related Posts with Thumbnails