wordpress counter

Вистинско Мартини

1 глас2 гласа3 гласа4 гласа5 гласа (1 гласа, просек: 1,00 од 5)


ВИСТИНСКО МАРТИНИ

Кога воопшто почнува да се зборува за Мартини, сè тргнува од реченицата „сè е во чистотата, невиноста, бистрината и јасноста“ … можеби ова звучи малку контрадикторно, со оглед на тоа дека станува збор за алкохол при што видот и уште помалку разумот никогаш не ни се чисти при неодговорна консумација, но сепак, станува збор за коктел кој ако е совршено подготвен, има кристално јасен одблесок.

Уште веднаш ќе ве ослободам од дилемите кои ве тераат да помислите дека вие всушност го имате пробано ова нешто – ГО НЕМАТЕ! Значи, морам да почнам со изразување на моето големо незадоволство дека овој коктел страшно неправилно се послужува во нашите угостителски објекти, ако воопшто го има на менито. Толку неправилно, што воопшто не е ни Мартини. Многу голема заблуда е што нашите шанкери кои учеле како се прават коктели од другите наши шанкери кои не знаат како се прават коктели, мислат дека ако го земат шишето на кое што пишува „Мартини“ и ви го послужат во коктел чаша, дека ви дале да пиете Мартини. Напротив, ви дале да пиете сув вермут. Вермутот е вид на фортифицирано вино и истовремено е состојка која во многу мала количина од 10 милиграми се користи за приготвување на коктелот Мартини, но далеку од тоа дека се состои само од него. Компанијата која го произведува тој конкретен вермут се нарекува Мартини-Роси и нормално затоа на шишето пишува „Мартини“. И токму овде настанува проблемот со мисинтерпретација на термините. Има сув и сладок вермут, при што сувиот е состојка за Мартини, а слаткиот е состојка за коктелот Менхетен (за кој ќе дознаете како се подготвува во некоја следна прилика).

Сега, кога знаете како не се прави, да видиме како се прави Мартинито. Коктелот е стар околу 150 години и се разбира, низ текот на годините се развиле многу варијации, меѓутоа секогаш се одржал традиционалниот и оригинален рецепт. Имено, Мартини се прави со џин и сув вермут и се меша. Денес, многу често џинот се заменува со вотка, а мешањето со протресување, иако регуларно тоа се нарекува Вотка-Мартини. Многу големо влијание на ова има ликот на Џејмс Бонд, кој неговото вотка-мартини го сака протресено, а не промешано.

СОСТОЈКИ
• 10 мл сув вермут
• 100 мл џин (или вотка)
• се гарнира со коктел-маслинка или со лимонов твист (парченце кора од лимон)

ПОДГОТОВКА
Се зема претходно изладена коктел чаша. Ладењето на чашата можете да го постигнете доколку ја оставите неколку минути да се излади во замрзнувач, или пак доколку оставите да отстои неколку минути полна со мешавина од искршен мраз и вода. Ова е од особена важност за бистрината и вкусот на мартинито. Се меша со лажица, или според барањата на помладата генерација консументи, се протресува во шејкер и се процедува во чашата.

Треба да се внимава да не се истури парче мраз во чашата пред да се послужи, затоа што ќе се наруши бистрината.

На здравје. Конзумирајте одговорно! [ЕЛИ ЦВЕТКОВА]

Related Posts with Thumbnails