Плетенка со Nutella, путер и бадеми. Рецептов е успешен експеримент на annies.food.feed, поттикнат од нејзината желба неколку дена да јаде Nutella на друг начин освен директно од тегла со лажица. Колачов е превкусен, путерот и Nutella кремот се топат во уста и не е преблаг, а во комбинација со утринско кафе е НЕОДОЛИВ. Погледнете што сѐ ви е потребно за оваа Nutella плетенка:

Плетенка со Nutella
Состојки
- 500гр брашно
- 1 пакетче инстант сув квасец (7г)
- 2 лажици шеќер
- 1 лажиче сол
- 250мл топло млеко
- 120гр стопен путер
- 6-7 лажици Nutella
- 100гр крупно мелени бадеми
- 1 јајце
- 1 лажица млеко
- малку масло
Инструкции
- Во длабок сад просејте го брашното, додајте квасец, шеќер и сол и измешајте. Млекото стоплете го во голема шолја и измешајте го со путерот. Мешавината треба да е топла, не врела! Додавајте по малку од млекото во садот со брашно и замесете тесто. Месете додека стане мазно. Премачкајте го длабокиот сад со малку сончогледово масло, а потоа лесно премачкајте го и тестото. Покријте го садот со чинија, замотајте го со крпи и оставете го тестото да расте 1 час на топло место.
- Лесно набрашнете ја работната маса и расукајте го тестото во голем правоаголник (околу 50 см должина) со дебелина околу 1 см, не повеќе. Загрејте го малку Nutella кремот и потоа премачкајте ја горната страна на тестото. Посипете со бадеми и потоа со намрсени прсти замотајте го како ролат од подолгата страна. Пресечете го ролатот по должина за да добиете два долги дела и префрлете ги во голем плех обложен со хартија за печење. Вртете ги двете парчиња од тестото едно врз друго за да добиете форма на плетенка и на крај спојте ги во круг. Покријте и оставете да расте на топло место уште 30 минути. Премачкајте го колачот со изматено јајце со лажица млеко и печете 35-40 минути на 200 степени додека зарумени.