wordpress counter

ШВЕДСКА МАСА, А ШВЕДСКА КУЈНА?

1 глас2 гласа3 гласа4 гласа5 гласа (2 гласа, просек: 5,00 од 5)


dinkelbrod

Шведската кујна е дефинитивно една од најнеобичните и најдалечните кујни на она што ние како Македонци сме навикнати. Генерално, таа е повеќе практична и лесна за подготовка. Поради географската положба на земјата од север кон југ, постојат многу регионални разлики во храната. Тргнувајќи од најсеверните делови каде се јаде месо од ирваси и дивеч, сè до југот каде се застапени свежите зеленчуци.

Големо влијание врз културата и исхраната имаат и климатските услови, па така поради многу краткото лето, Шведска има традиција на складирање на храната. До неодамна оваа традиција била начин на живеење. Кога ќе настапел летниот период, се собирало што е можно повеќе од плодовите, да се има за во зимата. Така јадењето свежи бобинки во летото се сметало за луксуз, бидејќи од најголемиот дел од нив се правеле џемови и мармалади за зимата. Исто така, јадењето свеж зеленчук се сметало за расипничко однесување, бидејќи повеќето зеленчуци биле конзервирани. Овошките кои биле достапни во зимата се сметале за подрагоцени од свежите јаболка и круши во август, без разлика на вкусот. Оттука и практичноста на шведската кујна, за готвење се земало она што се има складирано, односно готвиш со тоа што го има, не пребираш.

  • Швеѓаните се најголеми консуматори на млеко во светот
  • Втори по Финска, консуматори на кафе
  • Кисела зелка и џем од брусница се популарни додатоци на храната
  • Апсолут Вотка е Шведски производ
  • 25 март е Шведски ден на вафлите.
  • Во модерен Стокхолм, може да се најдат 33 различни светски кујни во рестораните. Според статистиката има 37 шведски ресторани, 13 азиски, 5 индиски и 4 либански, само во центарот на Стокхолм.

Традиционално, најголема одговорност и гордост на Шведските домаќинки било да се складираат што повеќе продукти за суровата зима. За чест се сметало, и денес се смета, сè што е понудено на трпезата да се изеде. Ако некој стане ненајаден од масата, или не го доврши оброкот треба да се засрами, бидејќи на тој начин ја навредил домаќинката. Ова поврзете го со поимот кој ние го знаеме како шведска маса, и што сè може на неа да има, а потоа замислете ги необичните шведски специјалитети во изобилство, и запрашајте се како би го преживеале тој оброк, ако сте на гости кај некој Швеѓанец.

Традиционалните оброци се многу едноставни, но поради предолгите зими, изобилуваат со маснотии. Се користи изразот husmanskost, кој доаѓа од хусман, што значи сопственик на куќа без земја. Овој термин најчесно се користи за едноставна храна, која се консумирала во руралните области, надвор од градовите. Денес, husmanskost означува традиционални шведски специјалитети, односно класична секојдневна шведска храна. Типични примери се шведски ќофтиња, крвав или црн пудинг, засолен дивеч како ирвас и други видови дивеч, засолена или чадена харинга и други видови риба, супа од грашок, шведски сарми, палачинки од компири и вафли. Зачините малку се користат.

Шведска маса (Smorgasbord)
е оброк во вид на самопослужување, кој е популарен во Шведската кујна, како начин за прославување на празниците и означување на посебни пригоди. Се состои од ладни и топли јадења, и варијации на многу специјалитети. Секогаш има риба (харинга, лосос и јагула) која е чадена, засолена или кисела, како и останатите шведски специјалитети направени со месо, зелка и компири.

Добар дел од шведската кујна се базира на месо. Дали свинско или говедско, или пак некој дивеч, најголемиот дел од традиционалните шведски оброци се со месо. Она што е интересно е што ваквите специјалитети се служат со додаток, џем од брусница или бобинки од брусница.

Шведски ќофтиња (Kottbullar)

СОСТОЈКИ
• 500гр. Мелено говедско месо
• 150гр. Готово фил за свинско месо
• 2 јајца, матени
• 1 мал кромид, сечкан
• 300 мл. вода
• 350 гр. Сос за месо (готово и домашно подготвен)
• 100 мл. Кисела павлака

ПОДГОТОВКА
Загрејте ја рерната на 200С. Измешајте го месото, филот за месо, јајцата, кромидот и водата, да станат компактна смеса. Од тоа формирајте мали ќофтиња. Наредете ги ќофтињата во сад за печење и печете ги 20 минути. Сосот за месо измешајте го со павлаката во тавче на оган, а потоа додадете ги ќофтињата. Вака гответе ги околу 5 минути. Послужете ги со ориз или тестенини.

Модерните Шведски готвачи се трудат традиционалните рецепти да ги комбинираат со современи додатоци. Внимаваат на изгледот на оброците, декорацијата, како и на свежите состојки кои ги употребуваат. Денес, Шведската кујна е надградена со примеси на некои од познатите европски кујни, така што претставува навистина посебна вкусно- необична приказна. Колку и да звучи различно од нашето, вреди да се проба. Smaklig måltid! (уживајте во оброкот!), како што би рекле Швеѓаните. [МАЈА БАЛША]

Црн пудинг (Blodpudding)
Е коагулирана мешавина од колбаси со крв и додатоци. Уште се нарекува крвав колбас или крвав пудинг. Постојат многу негови варијации низ Европа, а во Шведска најчесто се служи со зелка или џем од брусница.

Супа од грашок

се прави од цеден грашок и има зелено- жолта боја. Исто така се среќава и во Германија. Може да биде вегетаријанска, но и да се прави со месо, односно со шунка, сланина или колбаси. Ова е еден од најстарите шведски оброци . Втората недела од Ноември, традиционално се слави како Национална недела на супа од грашок. Се подготвува за 40 минути.

СОСТОЈКИ
• 1 супена лажица маслиново масло
• 1 голем кромид
• ½ лажица морска сол
• 500гр. грашок
• 1л. вода
• Сок од половина лимон
• Црвен пипер

ПОДГОТОВКА
Во голем сад ставете маслиново масло на средна температура. Испржете го кромидот со морска сол. Додадете го грашокот, па водата и оставете го да врие. Потоа отстранете околу 200мл од течноста и тргнете ја на страна. Останатата супа, ставете ја во блендер, и убаво изблендирајте. Потоа додадете ја зачуваната супа на страна, убаво измешајте и додадете го лимоновиот сок. Служете ја супата наросена со црвен пипер.

Вафли (Våfflor)

Во Шведска се прават за појадок, слични се на палачинките. Се служат со џем од малина, капина или брусница и со шлаг.

СОСТОЈКИ
• 300мл. шлаг крема
• 300мл. брашно
• 200мл. вода
• 8 супени лажици стопен путер

ПОДГОТОВКА
Измешајте ги состојките за да добиете смеса како за палачинки. Правете ги вафлите на тостер за вафли или за палачинки.

Брусница
лат. Vaccinium vitis-idaea

е грмушесто растените чии плодови се јадливи. Тие имаа кисел вкус, и затоа секогаш кога се готват прилично се зашеќеруваат. Доста се хранливи, бидејќи содржат витамин Ц, Б1, Б2, Б2, бета каротин, калиум, калциум, магнезиум и фосфор. Исто така имаат и фитоелементи кои помагаат при инфекции на уринарниот тракт.

Related Posts with Thumbnails