wordpress counter

ТОФУ БУРГЕР СО ПЕЧУРКИ

1 глас2 гласа3 гласа4 гласа5 гласа (1 гласа, просек: 5,00 од 5)


tofu

Природата ни подарила милиони вкусови и мириси и оставила на нас да се инспирираме и да ги комбинираме. Некои од нас уживаат да ги користат сите нејзини ресурси, а некои претпочитаат да ù ја вратат услугата и да зачуваат барем дел од неа.

Вегетаријанството, покрај тоа што означува храна без производи од животинско потекло, значи и здрава и вкусна исхрана. Да се биде вегетаријанец е многу повеќе од тоа да се биде во тренд. Пробајте да откриете во какви сè деликатесни задоволства уживаат луѓето што не јадат месо и апсолутно ќе им завидувате.

Нашето поднебје изобилува со секакви растителни богатства, кои со допирот на глобализацијата ни отвораат врати кон препуштање на дигестивен хедонизам. Сè што ви треба е желба за нешто поинакво и еден поголем супермаркет.

Во зависност од искуството во готвењето, приготвувањето вегетаријанска вечера за вашите пријатели нема да ви одземе повеќе од еден час. Кога ќе ја поставите трпезата, ќе видите како умешно сте ги насликале боите на природата во чиниите, бидејќи за овој оброк не ви треба кулинарска експертиза.

СОСТОЈКИ
• 1 блок цврсто тофу
• 1 средно голем кромид, сечкан на коцкички
• 2 гранчиња целер, сечкан
• 1 голем морков, рендан
• 12 печурки, ситно сечкани
• 1 супена лажица маслиново масло
• 1-2 супени лажици морска сол
• 3-4 филџани житарки
• 1 филџан вода
• 2 филџани лебни трошки
• 1-2 филџани сусам (по желба)
• растително масло

ПОДГОТОВКА
Исцедете го и издробете го тофуто во голем сад за мешање. Во големо тавче ставете маслиново масло и ставете го на оган за да се грее. Кромидот, целерот, морковот и печурките убаво посолете ги со морска сол и ставете ги во тавчето. Додајте им ги житарките и гответе додека не се испржат. Потоа додадете ја водата и мешајте за да се изедначи смесата. Кога ќе се зготви, тргнете ја од оган и додадете ги лебните трошки. Штом ќе се олади смесата, додадете го и тофуто и добро измешајте. Со раце, почнете да формирате ќофтиња, кои ќе ги валкате во сусам. Вака подготвените топчиња пржете ги додека не станат кафеави од двете страни.

Веќе имате готови тофу бургери. Наједноставно е да ги консумирате во сендвичи, да ги комбинирате со свеж зеленчук или со некој сос. Тофу бургерите се богати со вкусови поради зеленчукот во нив, а при јадење се крцкави од сусамот. За вашата вегетаријанска вечера, може да ги служите полиени со сос од печурки и соино млеко.

СОСТОЈКИ ЗА СОС
• 250 г печурки
• 4 супени лажици путер
• 2 супени лажици брашно
• 1 филџан млеко од соја
• лук во прав
• табаско сос

ПОДГОТОВКА
Во тавче на оган растопете 2 лажици путер и ставете ги печурките да поцрвенат. Потоа отстранете ги, додајте уште 2 лажици путер и брашно и мешајте дури го додавате млекото од соја. Откако сосот ќе се згусне, посипете со лук во прав, додајте табаско и вратете ги печурките. Вака приготвениот сос полијте го врз тофу бургерите додека е жежок.

Додека ја подготвувате вечерата, послужете ги вашите пријатели со закуска од моркови и целер. Потребни ви се: неколку излупени моркови, стапчиња од целер, вегетаријански мајонез, засладен со сок од портокал и екстра 12 минути за подготвување.

Без разлика дали сте вегетаријанци или не, во име на здравиот живот и промена во вашите желудници, дозволете си нешто поинакво, барем еднаш во месецот. Ќе се изненадите колку храната без месо може да биде вкусна, а и забавна во исто време. [МАЈА БАЛША]

Васаби
лат. Wasabia japonica

Растение што потекнува од Јапонија. Се консумира коренот на васабито и се користи како сос за различни јадења. Најчесто се пакува во вид на паста и на тој начин се транспортира низ целиот свет. Има луткаст вкус и многу впечатлива арома.

Related Posts with Thumbnails