wordpress counter

Канелоните на Марија

1 глас2 гласа3 гласа4 гласа5 гласа (1 гласа, просек: 5,00 од 5)


КАНЕЛОНИТЕ НА МАРИЈА

Прв пат ова го вкусив пред 5-6 години, кога делумно ѝ приоѓав на кујната, и сѐ што таму се правеше ми се чинеше страшно и невозможно. Всушност, ова е едно од јадењата кое ме натера вистински да влезам во кујна (тогаш туѓа, не моја) и да почнам да ги откривам тајните на готвењето.

Сестрата на мојата најдобра пријателка нѐ покани на вечера во нивниот дом и ни навести дека ќе јадеме нешто што дотогаш не сме пробале. Бевме седум членови на гурманска екипа, кои во тоа време мислеа дека поим за специјалитет е комбиниран со помфрит и салати или тост со некој „необичен” додаток како печурки (?!?!).

Се сместивме во нивната необично пријатна и топла соба и со нетрпение чекавме да ни стигне ветеното. За предјадење добивме компир и пашканат, подготвен во рерна, омекнат и зачинет. Јас искрено немав поим што јадам, но домаќинката убаво ни објаснуваше што всушност ни дава.

Конечно, почна да се чувствува поинаков мирис низ куќата, и за кратко време пред нас се најдоа чинии со сервирани канелони. Таква арома немав почувствувано претходно, а и самото име на храната ми беше чудно. Пробавме по еден залак од зготвено… како што голтнавме, така сите се погледнавме и на сечие лице можеше да се забележи нов изглед. Јас лично се трудев да најдам конкретни вкусови во тоа што го џвакав и да откријам што има во него. Успеав само да сватам дека е божествено вкусно и дека сакам уште и уште повеќе.

Канелони
Називот cannelloni се однесува на правоаголни парчиња тестенини, кои се свиткани во ролна, и се полнат со фил. Често настанува забуна со manicotti, кои се претходно формирани туби од тестенини. На италијански канелони значи „големи јазици”, а маникоти, пак, значи „ракави”.

Таа вечер изедовме по неколку порции од канелоните, а следните неколку месеци не престанавме да зборуваме за нив. Тој вкус никогаш нема да го заборавам и секогаш кога ги подготвувам, се потсетувам на моите први канелони со пченка и пилешко. Вкусот кој ме натера да застанам пред рерната и да се прашувам како функционира таа магија. [МАЈА БАЛША]

СОСТОЈКИ
• 1 пакување канелони
• 500 г пилешки стек
• 250 г варена пченка
• сок од 1 лимон
• рендан кашкавал
• рузмарин, копар
• сол, црн пипер

Бешамел сос
• 2 коцки путер
• 4 супени лажици брашно
• 1 л млеко
• 30 мл вода
• зачини

ПОДГОТОВКА
Пилешкото варете го во солена вода, околу 5-6 минути, а потоа исечкајте го на ситни парчиња. Потоа измешајте го со пченката во длабок сад, попрскајте го со сок од лимон, рузмарин и малку црн пипер и оставете го 5-10 минути. Канелоните полнете ги со овој фил и редете ги во тава за печење со димензии 18 х 23 см, длабока 5 см. Потоа, пригответе го бешамел сосот и додека е топол, прекријте ги канелоните во тавата. Сосот мора целосно да ги покрива, бидејќи ќе служи како база за варење на тестенините. Тавата прекријте ја со алуминиумска фолија, ставете ја во претходно загреана рерна на 200°С и печете околу 40-тина минути. Потоа отстранете ја фолијата, посипете го ренданиот кашкавал врз канелоните и вратете ја тавата уште 2-3 минути да се зарумени. Послужете го овој специјалитет со додаток од варен млад компир, запржен во масло со зачин и оригано, салата од зелка, цвекло и морков, или пак со некој друг додаток по желба.

Бешамел сос
Еден од класичните сосови, уште познат и под името бел сос. Се подготвува така што во загреан длабок сад се става путер. Откако путерот ќе се растопи, се додаваат неколку лажици брашно и се меша постојано да не се згрутчи. Потоа се додава млеко и се продолжува со постојано мешање. На крајот се додава вода, во зависност од густина на сосот што ни е потребна, како и зачини по вкус. Бешамелот може да се подготви и со други додатоци, како што се зеленчуци, печурки и слично. Тие се запржуваат во путерот пред да се додаде брашното, а понатаму подготовката е иста.

Пченка
лат. Zea mays
Пченката која ја користиме во исхраната е т.н. слатка пченка, која кога е зготвена има голема антиоксидантна активност. Ова помага во намалување на ризикот од срцевите болести и рак и генерално ги намалува оштетувањата на телото кои се предизвикани од оксидација. Важно да се знае за слатката пченка е дека кога се вари го губи витаминот Ц, на чија сметка се ослободува ферулична киселина, исто така корисна за метаболизмот, како и за целокупната антиоксидантна активност на организмот.

Related Posts with Thumbnails