Кога кокосот и чоколадото ќе се спојат, се добива навистина совршен вкус и мирис од кој цела куќа ќе мириса неодоливо. Ние заедно со kolevasonja го избравме овој колач за претстојните празници, не само поради вкусот, туку и поради неговиот снежен изглед, за вистинска зимска идила на трпезата.

Снежен Кокос Колач
Состојки
Тесто:
- 5 белки
- 300гр шеќер
- 100гр кокос
- 100гр брашно
- сок од 1 лимон
- 1 пециво
- 2 мали филџани врело млеко
Глазура:
- 1 лажица какао
- 100гр чоколадо
- 50гр маргарин
- 1 мал филџан млеко
Фил:
- 600 мл млеко
- 4 лажици шеќер
- 6 лажици густин
- 5 жолчки
- 2 ванили
- 100гр шеќер во прав
- 1 маргарин
Инструкции
- Најпрво со миксер убаво се метат белките и шеќерот, па се додава брашното лажица по лажица и смесата ја мешаме со дрвена лажица. Потоа се додаваат кокосот, лимонот и пецивото, а на крај постепено се додава врелото млеко. Смесата се става во набрашнет плех и се пече 20 мин на 220 степени, во претходно загреана фурна. Откако тестото ќе се испече, го оставаме да се олади и во меѓувреме ја спремаме глазурата.
- Во сад на оган се ставаат чоколадото раскршено на коцки, маргаринот, какаото и млекото додека не се растопат убаво. Откако смесата ќе се растопи убаво се премачкува врз оладеното тесто.
- Од млекото земаме 3 лажици и ги мешаме заедно со густинот, изматените жолчки, шеќерот и ванилите се додека смесата не се соедини. Остатокот од млекото се вари и откако ќе се свари, во него ја истураме претходната смеса со жолчките и мешаме се додека не добиеме смеса слична на пудинг. Тоа го оставаме да се олади и откако ќе се олади, во смесата додаваме претходно изработен маргарин со шеќерот во прав и на крај двете смеси се мешат додека не добиеме хомогена смеса. Филот се става врз глазурата, а врз филот по ваш избор може да ставите кокос, рендано чоколадо, или мрвици и го сечете на помали или поголеми коцки. Ние одбравме да ставиме кокос и чоколадни мрвици. Уживајте!