Слатки и декоративни елкички кои ќе ги израдуваат вашите најмили и ќе ја збогатат вашата новогодишна прослава. Ова беше една успешно реализирана идеја за што пошарена и украсна новогодишна трпеза. Уживајте вечерва во овој рецепт кој ни го испрати gotvime.so.teofanija.

Украсни Елки со Локум
Состојки
- 100гр бело чоколадо
- 50гр лешници
- 50гр сушена брусница
- 150гр локум
- 150гр шеќер во прав
- зелена и црвена прехрамбена боја
- шеќерни ѕвездички, кокос
Инструкции
- Чоколадото го топиме на најниска температура, додаваме црвена боја, соединуваме и потоа ги ставаме сечканите лешници и брусница. Промешуваме и смесата ја оставаме да се подизлади.
- Откако малку ќе стегне ја ставаме помеѓу најлонска фолија и од смесата формираме триаголник, кој го оставаме на ладно, по можност во замрзнувач. Ако имате калапи за тоблероне колачи уште поубаво, ставете ја смесата во нив.
- Од локумот и шеќерот во прав замесуваме смеса, од која на 1/3 од неа и ставаме зелена боја растворена во 2-3 капки вода, а останатата смеса ја оставаме бела.
- Од зелената локум смеса сукаме со помош на шеќер во прав тенка кора, со која ја обвиткуваме црвената веќе стегната смеса. Претходно го навлажнуваме зелениот дел за да се залепи убаво локумот, ама во многу тенок слој. Над зелениот дел ја обвиткуваме белата расукана кора. Ги измазнуваме сите три страни и го оставаме ролатот да се стегне.
- Над белиот дел со четкичка премачкуваме малку вода и посипуваме со кокос. Ова може да се направи и со секоја елкичка посебно откако ќе ги исечеме. На врвот ги украсуваме со шеќерни ѕвезди.