wordpress counter

Трина Ханеман во Скопје

Пред десетина дена, во рамките на Нордискиот летен викенд во Скопје, претстојуваше Трина Ханеман, познат виртоуз на храната од Данска. Посетителите можеа да се насладуваат на нејзините специјалитети во клуб ресторанот МКЦ.

Кога пристигнавме во МКЦ бевме пријатно изненадени од изгледот на ресторанот. Ние од Гурман™ не можеме а да не го пофалиме ентериерот и пријатната атмосфера. Едноставно сѐ е на свое место, непретенциозно и релаксирачки. Ви препорачуваме да го посетите ова место.

Трина, со традиционалната скандинавска опуштеност и хумор го започна патувањето во светот на нордиската храна, која спротивно на француската и италијанската е едноставна, но еднакво вкусна. Дивите бобинки, овошјето, печурките и рибата се најважните состојки во исхраната на овој дел од светот.

Ние кои бевме таму уживавме во плосната смеса од трици на која како додаток имаше лосос стоен 24 часа во маринада од лимон; салата од пченица и краставица зачинета со сол, бибер и маслиново масло; малку пропржена зелка на маслиново масло и ќофтиња со сос од шипинки.

Интересно е дека Трина малку се разочара откако разбра дека ќофтињата се дел и од нашата кујна. Испадна дека ги подготвуваме на сосема ист начин, освен што скандинавците ставаат кисела вода за да бидат повоздушести.

Во меѓувреме, додека ја подготвуваше храната, нѐ запозна со особеностите на нордиската кујна, нејзиниот развиток и влијанието на другите кујни врз неа.

Потврди дека нашите овошје и зеленчук се многу поквалитетни од скандинавските и дека ресторанот на нашиот најдобар готвач Рене Реџепи, Нома, е еден од најпосетените, но и најскапите во Данска. Трина изјави дека е толку скапо, што просечен скандинавец може да си дозволи најмногу 2 посети годишно.

Овој текст нема да биде комплетен без збор-два и за посетителите. Значи, како и секогаш на манифестации од ваков тип, има поединци кои доаѓаат толку изгладнети, што би можеле да изедат дневно производство на мала фабрика за месо. А, најинтересна е нивната реакција по првиот залак: „Мхх, ништо посебно!“. И продолжуваат да ги полнат чиниите.

Се натпреваруваат како да бидат најблиску до масата и не ги интересира ништо освен како да земат што повеќе порции. Драги посетители, кои се препознавате во овие неколку редови – ова не беше ниту ручек ниту вечера, туку дегустација, запознавање и уживање во посебноста на Скандинавија.

И еден совет. Следниот пат, кога ќе има ваква манифестација, не мора да се изгладнувате три дена. Јадете си слободно пред да дојдете и потоа уживајте во малите, вкусни залаци на интернационалните кујни.

Related Posts with Thumbnails