wordpress counter

Астерикс во Мекдоналдс

Еден од најпознатите стрип јунаци, Астерикс и неговиот најдобар другар Обеликс, се најдоа во последната кампања на Мекдоналдс. Имено, искористена е последната сцена од секој продолжеток, кога целото село се наоѓа на гозба, по добриот ќотек кој им го дале на римјаните.

Гозбата се одвива во ресторан на Мекдоналдс, а нашите омилени јунаци, наместо во месо од дива свиња и вино, уживаат во Кока Кола и Биг Мек. За да биде комплетна сликата, музичарот Какофоникс е врзан пред ресторанот, за да не може да ја расипе забавата со својата харфа.

Алберто Удерцо, кој заедно со покојниот Рене Гошини го создадоа Астерикс, беше консултиран при изработка на рекламната кампања, а скиците ги направи токму неговото студио.

Меѓутоа, французите не се многу воодушевени од оваа идеја. Сметаат дека на овој начин, главните ликови се продале на американскиот консумеризам, додека влијателниот Le Figaro напиша: „По успешниот отпор кон римјаните, сепак американците конечно успеаа да го победат малото село во Галија.“

Претходно, и Кока Кола сакаше да направи реклама со Обеликс за нивниот производ диетална Кока Кола, меѓутоа сопственикот на правата ги одби, со образложение дека ликот на Обеликс не одговара за таков производ.

Related Posts with Thumbnails