- Гурман™ - https://gurman.mk -

Готвач „Вистинска крв“

„True Blood: Eats, Drinks, and Bites from Bon Temps“
Автор:
Џана Собол, Алан Бол
Издавач: „Chronicle Books“, САД

Фановите на ултра популарната серија на „HBO“, „Вистинска крв [1]“, добија вистинско изненадување. Станува збор за книга готвач полна со „вампирски рецепти“. Серијата се снима во измисленото место Бон Темпс во Луизијана, а во епизодите често се споменува тамошната кујна и уживањето на вампирите во „окра гумбо“, „џамбалаја“, црвен грав и ориз.

Книгата „True Blood: Eats, Drinks, and Bites from Bon Temps“ ја состави готвачот Марсел Биенвену и излезе во продажба минатиот месец. Интересно е дека овој славен готвач претходно не ја следел серијата, но кога го прифатил предизвикот да ја напише книгата-готвач се зачудил колку многу различни јадења се споменуваат во неа. На самата серија се надоврзува и мистичноста на кујната во јужниот дел на Луизијана.

Во книгата, секој рецепт е пропратен со фотографија од серијата. На пример, рецептот за кремаст сос од јастог оди со сцената во која Суки Стекахус вози кон Шривпорт да се состане со врколак, а наместо тоа се сретнува со Деби Пелт, која претходно се обидува два пати да ја убие.

Покрај храната, во книгата има и цела дузина рецепти за пијалаци како „Tequila Moonrise“, „Lovin’ in the Coven“ и „Moonshine Rising“. Интересно е дека ова не е прв пат како „HBO“ издава книга на рецепти од некоја серија. Тоа се случи и со книгата за италијанска кујна на „Семејство Сопранови“, а за следната година се подготвува книга-готвач и за серијата „Треме“.