wordpress counter

Интервју: Катарина Ивановска

Веднаш да расчистиме со предрасудите: Дали воопшто јадеш?
– Па, не јадам, постојано медитирам и се хранам од честички во воздухот… ЖДЕРАМ, не јадам!

Постојано си со шише вода во рака. Дали тоа значи дека водата ти е омилен пијалак, или на тој начин избегнуваш да пиеш нешто друго?
– Погрешен податок. Воопшто не пијам вода и тоа ми е лоша маана. Во последно време се трудам да пијам што е можно повеќе течности – природни цедени сокови, чаеви и на крај вода. И знам да се напијам вино со ручекот.

Дали готвиш и што е тоа што најдобро знаеш да го зготвиш?
– Обожувам да готвам. Најдобро знам да подготвам потаж од зеленчук, ориз на хотелски начин и разни салати како туна салата со рукола, пченка, сончоглед, семки од тиква, ротквички, маслинки и … ако кажам сѐ, нема повеќе да ми биде таен рецептот.

Повеќе си во странство отколку во Македонија. Која кујна или специјалитет не прескокнуваш да ги пробаш?
– Суши и тајландска храна.

Како добри домаќини, ти нудиме мени со сѐ што ќе  посакаш. Што би требало да те чека на трпезата?
– Уф! Ако сум на одмор – сакам да ме чека сарма со ребра, селско месо, подварок и обланди за десерт. А, во текот на модните недели – голема зелена салата како мојата што ја напоменав погоре и рибја чорба.

Како изгледа еден твој ден опишан во храна?
– Секогаш станувам рано и си подготвувам лимонада на мојот омилен PowerJuicer. Околу 13:00 часот секогаш пијам голема шолја кафе со млеко од соја и рака бадеми, семки или сончоглед. И во 18:00 часот салата и супа.

Дали имаш режим на исхрана пред модни ревии?
– Да, имам и не јадам ништо. Навистина! Само по некоја салата и цедени сокови.

Каде најчесто се храниш?
– Најчесто се хранам во ресторани, но во последно време и дома. Си готвам секогаш кога имам можност.

Ресторан во Њујорк кој ни го препорачуваш?
– Многу се! Luzzo’s Pizza, Lure fishbar, NOBU, Cacio e Vino… и храна која можам да ја јадам секој ден во I Tre Merli.

Која храна никогаш не би ја пробала?
– Кинеската сум ја пробала еднаш и никогаш повеќе. Многу е тешка.

Која манекенка што лично ја познаваш најдобро готви?
– Хахаха… морам да кажам дека Мина Цветковиќ, која ми беше цимерка, прави многу добри полнети пиперки.

Што не можеш да одбиеш и да те разбудат во ниедно време?
– „Топло-ладно“ – убедливо најслаткото колаче, врел багет со маслинки и … толку, лиги почнаа да ми течат.

И, за крај – ајвар или бурек?
– Тоа е исто како да ме прашаат: „Татко ти или мајка ти?“!!! И ајвар и бурек со месо и јогурт.

Related Posts with Thumbnails