- Гурман™ - https://gurman.mk -

Интервју: Македонија вечна – Храна

Еден од најдобрите спотови направени во рамки на серијалот Macedonia – Тimeless, е спотот кој нам особено нѐ интересира и е посветен исклучиво на нашата кујна и специјалитети. Затоа, ги побаравме главните „виновници“ за изработката на ова дело – маркетинг агенцијата „Република“. Поради тоа, поразговаравме со менаџерот на продукција – Блаже Дулев.

Најнапред, честитки за одлично завршената работа. Во спотот забележавме кадри со храна кои досега кај нас никој не успеал да ги сними. Затоа, нас и читателите на Гурман™ нѐ интересира дали се снимени кај нас или сепак во странство?
– Благодарност за вашите честитки. Тие се уште поголеми кога доаѓаат од специјализирани лица кои знаат многу за храната и кои знаат колку е тешко да се сними храна, а воедно добро да изгледа.

Спотот е целосно реализиран во Македонија, со екипа која во поголем дел е составена од наши луѓе. Сите кадри се снимени на локации во Македонија. Како главен продуцент на тв спотот се јавува маркетинг агенцијата „Република“, во продукција на снимање на „Квазар филм“.

Со оглед дека храната е аранжирана професионално, а и светските трендови подразбираат користење на услуги на аранжери, нѐ интересира кој е food stylist и како е направен изборот?

– Food stylist е неопходна алка при снимање на храна. Речиси и да нема спот или фотографија во магазините за храна, а притоа да не биле користени услугите на аранжери за храна. Со оглед дека режисерот беше од Англија, очекувано е и стилистот за храна да доаѓа од таму. Станува збор за George Smith, кој и претходнo има успешна соработка со режисерот.

Колку траеше подготовката и реализација на целиот проект?
– Подготовката на ваков голем проект е особено тешка и напорна и траеше месец и половина. Дури три недели беа потребни за да се пронајдат вистинските локации кои го отсликуваат македонскиот автентичен амбиент. За жал, спотот беше многу краток за да можат да се прикажат сите оние убави амбиенти и ресторани кои ги има во нашата мала убава земја, но земја со голема храна.

Откако се утврдија локациите, се избра кастингот, се направи костимска проба и технички скаутинг и потоа следуваше снимањето кое траеше девет дена, односно шест дена снимање во различни амбиенти и ресторани и три дена снимање во студио со специјална slow-motion камера и снимање за потребите на анимацијата. На крајот, следуваше процесот на постпродкција, кој траеше околу еден месец.

Кој е директорот на фотографија?
– Директор на фотографија е Душан Кардалевски, кој одлично се справи со сите проблеми при снимањето на храна. Мошне впечатливо и речиси имагинарно ја долови атмосферата на самиот простор каде се снимаше спотот. Притоа, обединувајќи ја спиритуалната поврзаност на амбиентот и храната.

Македонската кујна е богата со специјалитети. Еден дел од нив се претставени во спотот. Затоа, нѐ интересира по кој критериум е направен изборот на јадења?
– Специјалитетите беа бирани во согласност со амбиентот и претходно утврдените локации, а со цел да го отсликаат регионот што поверодостојно. Македонија има премногу специјалитети, но за жал, времето за една реклама е ограничено и не може сите да се опфатат.

Специјалитетите изгледаат превкусно и може да се забележи дека ги подготвувал готвач/и кои добро си ја знаат својата работа. Кој ги создаде овие ремек дела?
– Готвач координатор беше госпоѓата Јулијана Гешовска, во соработка со готвачите на рестораните кои беа одбрани како локации за снимање.

Музиката е стара македонска чалгија. Мора да признаеме дека одлично се вклопува во целиот амбиент за нашата земја. Може ли да ни кажете која е песната во спотот?
– По ритамот на монтажата на самиот спот, изборот на чалгиската музика најмногу одговараше. Поради тоа, изворната тема на „Невестинско оро“ изведено во чалгиски ритам и инструменти, а преработена од Дориан Јовановиќ и Дарко Спасовски, беше нашиот финален избор.

Со оглед дека ваквите снимања секогаш се пропратени со добра атмосфера, имаше ли некој посебно интересен настан додека траеше снимањето?
– Снимањето храна е особено тежок и напорен процес. Јадењата треба да бидат тазе подготвени и да се одржуваат свежи. Тоа беше особено тешко да се испланира и исполни, но сите се трудевме да го дадеме својот максимум, со цел и спотот да биде вкусен.

Особено интересен момент беше првиот ден на снимање, кога снимавме екстериер на Колешинските водопади, а низ цела Македонија, вклучувајќи го и Струмичкиот регион – врнеше дожд. За среќа, на самата локација не падна ни капка дожд. И покрај опасноста од дождот, самиот ден помина доста успешно.

И за крај, дали остана нешто од храната?
– На крајот, од храната остана самиот спот.